Археолошки локалитети и светилишта


Подрачјето на Оровник не е до сега систематски испитувано и не се вршени специјални ископувања. При случајни ископи најдени се остатоци од предмети и некрополи. Во непосредна близина се локалитетите Горенци и Требеништа. На југоисток од оровничкиот синор, до манастирот Св. Еразмо се протегала населба или повеќе населби под името Хермелеја, од која се регистрирани локалитетите: Свети Еразмо, Габавски Рид, Чекоштина, Патерица и Козлук. Меѓу овие два простора, Горенци � Хермелеја не можело да нема живот, односно населби. Присутно е преданието дека од месноста Кулиште во Оровник, па се до Градиште, Требенишко Кале постоел пат кој поминувал: Кулиште � Тројанско Поле � Тројани � Чука � Градиште. И денес има контури од тој пат.

Од предметите при случаен наод во 1958 год над самото село во Заводот за заштита на спомениците од културата и Народниот музеј од Охрид е регистрирана една обетка која потекнува од VII и VIII век. Северозападно од селото, во долот Лескоец на неколку места се регистрирани керамички цевки кои се поставувани во правец кон изградените терми. Во месноста Под Лозја, на самата раскрсница на патот Кичево � Охрид и селскиот пат од с. Оровник за с. Мислешево во 1957 год откриена е Илирска некропола. Во локалитетот Селиште на 2,5 км југоисточно од Оровник има купишта од камења од објекти, како и остатоци од два бунари за вода. Во југозападниот дел на овој локалитет има остатоци од едно - корабна црква со ѕидови широки 90 см. Јужно од црквата се протегала некропола која датирала од Средниот развиен век. Меѓу населението од Оровник кружи предание дека токму тој локалитет било старото Оровник, а има и свое предание како било уништено. На овој локалитет во 1953 година пронајден е прстен од месинг.

Во локалитетот Корија � Манастириште, кој се наоѓа на 1 км источно од селото Подмолје има остатоци од сакрална градба и оградено е со суви ѕидови што наведува на тоа дека се работи за манастирски комплекс.

Локалитетот Тројани се наоѓа во подножјето на Тројанска Чука, одалечено 2,5 км источно од Оровник. Месноста е котлина во која било поранешното село Тројани. Таму се и изворите од каде селото Оровник се снабдува со вода за пиење. Северно од изворите се наоѓа некропола од античкиот период. Во 1958 год откриени се неколку гроба во кои се пронајдени една кама и грниња.

На локалитето Вишово има остатоци од камења, а во 1938 биле пронајдени повеќе гробови.

Од светилиштата во Оровник се селската црква Св. Илија, манастирите Св. Петка и Св. Недела, како и Големиот Свет Крст. Подетално за нив во поглавјата на оваа веб страна посебно наменети за нив.

Карактеристична архитектура за Оровник е куќа со приземје, ќерал, и еден кат. Во приземјето била сместувана стоката, просторијата за стоката се вика пондила, зимницата, дрвата за огрев, алатите за работа, со еден збор како магацин. На катот има две или повеќе простории и голем чардак. Во една од просториите задолжително има огниште. Тука се приготвувало јадењето, се обработувало млекото, се јадело и служело за дневен престој. Другите простории или одаи биле за спиење, спални соби. Подот од катот е послан со дрвени платици, а преку нив е послана земја, а поретко биле ставани подови од јасикови штици. Чардаците се големи, заградени со штици. На нив или под нив, во ајатот, се чувало есенското семе, пченка, тикви , кромид, суви пиперки итн. Летно време луѓето на чардакот се одморале за време на пладневниот одмор. Внатрешната фасада е од кал, а поретко од вар и песок. Тоалета нема во внатрешноста на куќите. Од градежен материјал се користи: камења за темелите и цоклето, поретко целото приземје, плиќе � тули од кал, дрво, покрив од слама ржаница или со турски ѓерамиди. Асеизмички куќите биле зајакнати со дрвени појаси, отприлика на секој метар височина и поврзување на гредите, чатмите и диреците со дрвени чивии.

Близу до куќата има плевна и кошара, пред кои има големо гумно.

Современата архитектура во Оровник датира од 1963 година навака.

Народната носија во оровник и Подмолје е иста како и во соседните села Горенци, Требеништа, Мешеишта, Волино и Мислешево. Таа е иста со носиите на Струшките полски села. Особено богата е женската носија. И машката и женската носија се изработени од домашна рачна изработка од: платно, клашни и предива. Машката носија се состои од: бечви, џамадан и шут џамадан, сите во природни бои, исто како материјалот. Рабовите од облеката и другите честоупотребувани делови, како џебовите и околу вратот се украсуваа со гајтан или со оптока од волна. За зимно време се употребувало и гунче, а за сточарите гуна. Како обувки се користеле опинци од свинска кожа, волнени чорапи, а зиме објала. Преку половината мажите носат широк шарен, најчесто црвено-бел, појас кој на краевите завршува со реси. Капите порано биле округли, а потоа се заменети со капи со качкет.

Женската народна носија се состои од: здолница, кошула, елек, ракави, клашеник, појас, поманики, скутина, туљбен, марама, шамија, сокајче, чорапи и опинци. И оваа носија е рачно изработена и украсена со народни мотиви.